Сите објави

Лична приказна · SmileyOS 2.0

SmileyOS – едукативна платформа за деца

Оперативен систем од нула во Rust, околу 200.000 линии код, се вчитува од USB и работи и на најстари компјутери: што содржи SmileyOS 2.0 и по што се разликува од другите.

Автор: Nikola Gjorgiev · · 4 мин. читање

Екранот за вчитување на SmileyOS
SmileyOS се вчитува · Вистински screenshot од SmileyOS, лето 2026
Никола Ѓоргиев, авторот на SmileyOS
Никола Ѓоргиев · автор на SmileyOS

Овој текст првпат го објавив на LinkedIn на 13 јули 2026, во времето на SmileyOS 2.0.

Вовед

Веќе подолго време работам на еден огромен проект и, да, доста користам AI за неговата изработка, бидејќи за проект од вакви размери, без AI, на еден девелопер би му биле потребни најмалку две децении за да стигне до ова ниво.

За тие што не знаат, SmileyOS е оперативен систем напишан од нула во Rust. Се работи за целосно македонски производ на кој работам во своето слободно време, и до овој момент зад него стојат околу 200.000 линии Rust код.

Крајната цел е да го користат деца на возраст од 7 до 12 години како едукативна платформа, пред сè за учење програмирање, но има и други едукативни апликации, за учење за држави, континенти, океани, планети…

Што содржи SmileyOS

Како што реков, ова е целосно нов оперативен систем, и замислата е да работи и на најстарите компјутери од времето на Windows XP, што значи дека ви треба помалку од 1 GB RAM. Оперативниот систем се вчитува од USB, па нема потреба од никаква инсталација: едноставно го ставате USB-то во компјутерот, го вклучувате и за 10–20 секунди системот се стартува. Сите податоци се зачувуваат на самото USB, што значи дека ако ви се расипе лаптопот, за 1.000 денари купувате друг или наоѓате некој зафрлен — и тоа е сè што ви треба.

Оперативниот систем е повеќејазичен и во моментов поддржува македонски и англиски јазик.

Апликацијата за географија, на македонски
Апликацијата за географија, на македонски · Вистински screenshot од SmileyOS

Има и свој вграден програмски јазик, Smilium, со модерно вградено IDE, каде децата можат да учат програмирање и да се подготвуваат за професиите на 21 век. Јазикот има синтакса многу слична на модерните програмски јазици како JavaScript и Python. Со него може да се креираат shell апликации, UI апликации и 2D игри.

Smilium IDE
Smilium IDE · Вистински screenshot од SmileyOS

За игрите постои и game engine, Gamely2D, кој работи слично на Unity 2D: може да додавате готови компоненти и да пишувате свои со помош на Smilium. На крај, апликациите се билдаат во SPK формат и може да се споделуваат, за и други деца да ги инсталираат и да ги пробаат програмите што ги изградиле.

Gamely2D: игра направена со Smilium
Gamely2D: игра направена со Smilium · Вистински screenshot од SmileyOS

Дополнително има и терминал со над 50 вградени команди, преку кој се совладува уште една вештина што ние, софтверските девелопери, ја користиме секој ден.

Терминалот на SmileyOS и неговите команди
Терминалот на SmileyOS и неговите команди · Вистински screenshot од SmileyOS

Исто така, постои и Sandbox апликација, каде визуелно се гледа извршувањето на кодот: како, линија по линија, се креираат променливи, се вртат циклуси…

Во овој проект е вградено целото мое искуство стекнато во овие 15 години, во кои сум работел сè, од развој на игри до десктоп и мобилни апликации — и сето тоа е преточено во содржина прилагодена да ја разберат деца.

Секако, ова не е сè: оперативниот систем доаѓа со дваесетина апликации, од калкулатор и Paint до Slides (како PowerPoint)…

По што SmileyOS се разликува од другите слични производи

Точно е дека на пазарот постојат и други слични производи, поголемиот дел базирани на Linux, но досега не сум наишол на вакво all-in-one решение, оптимизирано да работи на толку стар хардвер, а во исто време спакувано во помалку од 20 MB. 20, не 200.

Сè уште не сум завршил со развојот, и планот ми е да имам нешто блиску до визијата некаде во 2027. Иако и ова што сега го имам не е малку, додека не стигне до нивото што го сакам, ќе остане нешто што само јас и син ми Марин повремено го кликаме.

Како може да помогнете

Секој фидбек е добредојден, а за тие што можат и финансиски да ме поддржат, постои Buy Me a Coffee страница.

Или може да купите еден друг проект на кој работев пред пет години, а неодамна го ставив во продавниците: компјутерската игра Electron, по цена од 0,99 $, за тие што сакаат да ме поддржат на тој начин и за возврат сепак да добијат нешто опипливо. Ја има на Google Play и на App Store.